Во населбата Керамидна скоро секој ден има по некое пукање на старите дотраени азбестни цевки, стари педесетина години. Во текот на денешниот ден жителите немаа вода од 05 до 13:30 часот, поради што тие  се  револтирани и реагираат до ЈКП „Дервен“, кое стопанисува со водоводната мрежа  во градот и околните населени места.
Дефектот – пукање на цевка за вода и денеска, како и многупати досега,  беше на најфреквентната улица „Луј Пастер“ што води покрај самата пруга. Дефектот по осум и пол часовна работа на екипите на ЈКП „Дервен“ беше  отстранет и водата повторно пуштена во мрежата, но улицата остана раскопана. Жителите очекуваат да се санира улицата. 
По улицата минуваат возила и тешки камиони, а се движат и пешаците бидејќи на неа нема тротоар.
Од ЈКП „Дервен“, како што информира за МИА директорот Тони Јовиќ, причината на пукање на цевките е поради дотраената стара ласонитна-азбестна линија, која со секој поголем товар од возилата кои се движат по неа често пука.Тој најави  дека  најскоро таа целосно треба да се обнови.
– Дотраената стара водоводна салонитно-азбестна линија планираме во најскоро време да ја обновиме и замениме со нова ПВЦ линија. Воедно ќе стапиме во разговори со Општина Велес и СВР Велес  по оваа улица да се забрани  движење на тешки возила, кои предизвикуваат пукање на дотраените цевки од нивната тежина, појасни Јовиќ.
Освен на оваа улица, чести дефекти во оваа населба  има и на улицата „Камка Тоцинова“,  која исто така е фреквентна улица во населбата. Од ЈКП „Дервен“ засега не можат да одговорат дали и кога таа улица ќе се реконструира.
Директорот Јовиќ информира дека во градот, освен на оваа, продолжува замената на старите и дотраените ласонитно-азбестни, како и на уште постарите поцинкувани линии на повеќе улици во градот, со цел поквалитетна дистрибуција на вода  за пиење до сите домаќинства.