Традиционалната културна манифестација Рацинови средби посветени на делото на големиот Коста Солев Рацин кои годинава на почетокот на јуни требаше да се одржат по 57-ми пат во неговиот роден Велес, ќе изостанат поради состојбата со Ковид-19.

Има можност да се оджат на есен, но и тоа засега е неизвесно и ќе зависи од понатамошната состојба со вирусот.

Од локалната власт, како што информира на последната прес-конференција градоначалникот Аце Коцевски, се размислува истите да се поместат во ноември/декември и да се поврзат со раѓањето на Коста Солев Рацин кое е во декември.

Но, и тоа како што појасни Коцевски, засега е неизвесно дали ќе се одржи, и ќе зависи дали евентуално ќе има втор бран на Ковид-19 наесен.

До 2001 годинина манифестацијата Рацинови средби се одржуваше секој ноември со што се одбележуваше годишнината од објавувањето на Рациновата стихозбирка „Бели Мугри”, а од 2002 година токму на иницијатива на тогашниот и сега актуелен градоначалник Аце Коцевски манифестацијата од ноември беше преместена во јуни кога се одбележува смртта на Рацин.

Инаку, во ова време лани, во текот на мај, Општина Велес го распишуваше конкурсот за востановеното Рациново и Почесно Рациново признание, а манифестацијата почна на 6 јуни и заврши на 13 јуни со посета на Лопушник.

Градоначалникот Коцевски одговарајќи на новинарски прашања информира дека засега е извесно дека нема да се одржат традиционалните манифестации Меѓународниот фолклорен фестивал „Велес” кој овој јули требаше да се одржи по 17 пат и Интернационалниот фестивал на античка драма ИФАД „Стоби”, кој изостана и минатата година.

– До овој момент немаме организирано ниту една културна манифестација така како што е предвидено со Програмата за култура на Општина Велес и не очекуваме во брзо време да имаме право тоа да го правиме, со оглед на насоките на Централниот кризен штаб, појасни Коцевски.

Тој најави дека Програмата за култура на Општина Велес ќе претрпи сериозни измени, а намалените средства од општинскиот буџет поради корона кризата ќе бидат пренаменети за набавка на заштитни средства на здравствените институции во градот и за помош на социјално ранливите категории.

Коцевски ги повика уметниците и музичарите од градот да бидат иновативни и да и понудат на Општината нови културни содржини прилагодени на моменталната состојба со Ковид-19, а Општината во зависност од финансиската состојба ќе поддржи некои од нив.