По појавата на коронавирусот, на Факултетот за ветеринарна медицина започнаа и со тестирање на вирус кај животните, по што потврдени се неколку случаи на говедски коронавирус.

Направивме и неколку прелиминарни испитувања на материјали кои што ги имаме од животни кои што имале репираторни заболувања и кај добар дел од нив, можам да кажам и очекувано потврдивме присуство, меѓутоа на говедски коронавирус. Тоа е вирус кој што е аналоген на вирусот кај луѓе кој што предизвикува обична настинка, вели проф. д-р Кирил Крстевски за ТВ21.

Професорите велат дека пристапот е ист како и кај луѓето, започнале со истражување откако во светот се појавиле случаи на заразени домашни миленици со коронавирус.

Пристапот дијагностички е идентичен и кај животните како и кај луѓето. Во соработка со нашата универзитетска клиника, случаите на домашни миленици каде што постои индиции на респираторни заболувања ги тестираме на присуство на овој вирус, вели Крстевски.

Коронавирусот за нив не е непознат, бидејќи се појавувал сезонски кај одредени животни, предизвикувајќи респираторни и дигестивни проблеми кај говедата.

Луѓето кои што се заболени и имаат миленичиња, да ги лимитираат своите контакти со домашните животни и да ги третираат како било кој друг член од своето семејство. Не заради друго, туку затоа што тие се примчиви и може да бидат инфицирани од вирусот,  рече Крстевски.