Утрово ни пристигна вест за настан кој го разубаве денот на многу минувачи и купувачи во Жито Ване . Две млади мајки нацртаа насмевка на многу лица кои беа позитивно изненадени од денешниот настан.

Тие пред вратите на маркетот имаа поставено штанд со рачни изработки на активности и игри кои со драго срце ги подаруваа на секој кој изрази интерес за нив. Луѓето најпрво само збунето поминуваа гледајќи ги со чудење затоа што веројатно Ковид 19 досега го извади само најлошото од нас, па станавме скептици за сите добри дела… Но потоа од љубопитност секој застануваше до нив и ги загледуваа играчките кои тие ги подаруваа!

Веќе еднаш имаме пишувано за Сања Стојанова, мајка – блогерка која работи активности со нејзините деца, а тука е и нејзината другарка Емилија Крстевски која исто така е во овие води на мајки кои воодушевуваат со DIY активности!

Токму тие две мајки денес беа одговорни за овој настан, навистина им благодариме.

Дечињата кои притрчуваа за игрите, баби кои земаа за своите внуци, мајки кои работата ги гази и слободно време немаат на претек – баш секој од овие групи замина од пред штандот со ќесенце полно љубов и намера за заедничка игра со децата дома.

Тие две толку внимателно и со многу почит ги објаснуваа своите игри на они на кого беа подарени, а за полесно нивно разбирање имаа и упатство за игра на секоја од активностите.

Баш убаво од нивна страна.

А кога ги прашавме за збор два зошто сето ова беше организирано денес , добивме за одговор

“ Ние сме тука денес со цел да се подари секоја активност се до последната ! Кога децата ќе ги добијат, ќе се исполни и нашата задача зацртана за овој ден. Среќата е поголема кога се дели со друг ! И во услови на Ковид 19 и било каква катастрофа не треба да заборавиме да бидеме човечни и позитивни кон околината ! “

Ете така почна утрово со убавини!