Низа на неправилности има во Центарот за јавно здравје во Велес каде што тројца од вработените се позитивни на КОВИД-19, а 9 се во самоизолација, информира на денешната прес конференција Ирина Сотирова Бухова, директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Таа на прес конференцијата констатираше дека вработените во ЦЈЗ Велес не носеле заштитна опрема и дека не правеле анкети.

„Констатирано е дека сите брисеви се земени без епидемиолошка анкета. Евидентирањето се води како скрининг, или не е запишуван резулатот и даван е на рака. Неправилности има и во неносење на заштитна опрема, вработените не ја носеле опремата, не држеле дистанца меѓу себе, имало ослободување од работа во време кога е забрането, не се почитувале протоколите за земање на брисеви“, изјави Сотирова Бухова.“

Таа нагласи дека исклучок е само за маркетот каде што 15 вработени се позитивни. Таму е  направено се како што треба и маркетот продолжува со работа со другите вработени.

Со КОВИД 19 заболен е и еден лекар од Центарот за јавно здравје во Кавадарци кој носел брисеви во ЦЈЗ во Велес. За него во Кавадарци сметаат дека најверојатно е заразен од вработените во ЦЈЗ во Велес, односно дека кластерот е од таму.

„Заразениот лекар од ЦЈЗ од Кавадарци доколку бил во заштитна опрема не можел да се зарази од таму“, потенцира Сотирова Бухова.“

Директорката на ДСЗИ рече дека пунктот за земање на брисеви функционира, а во однос на неправилностите утре ќе се разговара во Комисијата за заразни болести и ќе се одлучува што понатаму, во согласнсот со министерот за здравство.