На седница на комисија за финансирање и буџет свое обраќање имаше и пратеникот Игор Здравковски од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“.

Здравковски ја потсети власта на ветувањето кое го даваше на Велешани пред избори, а тоа е изградба на мостот во населба Речани кој што би ги споил двата дела од градот и би имало подобра комуникација помеѓу овие два дела.

„Со изградбата на мостот во населбата Речани би се поврзал левиот и десниот дел на Вардар, на градот и би имало подобра комуникација, бидејќи во таа населба Речани имаме индустриска зона која што функционира, меѓутоа немаме доволно брза и доволна квалитетна комуникација“, истакна Здравковски.

Здравковски додаде дека поради токму тоа се поднесе амандман за изградба на мостот и да се потсети власта што има пишано за тоа во својата Програма за време на изборите.

„Знам дека е многу малку време останато до крајот на оваа календарска година за да се реализира нешто меѓутоа ќе го поднесам истиот затоа што и овој е еден од оние кои што ги напомена колегата Мицевски, амандман кој што се поднесува веќе трета, четврта година по ред. Меѓутоа нема се уште апсолутно ништо. Се надевам дека наредната година ќе почне барем со проектна документација за да овозможиме подобра комуникација со жителите кои што живеат во левиот дел на Велес и кои што работат во левиот дел на градот. Затоа би апелирал од сега да се внимава она што се ветува, а што може практично да се реализира во текот на четири години. Или веќе ако нешто ветиме барем да имаме доволно силна лоби група па да можеме да го издејствуваме тоа“, појасни Здравковски.