Почитувани,
Власта на СДСМ во Велес нема ниту контрола, ниту знае како да се справува со КОВИД пандемијата.
Вчера во нашиот град имавме црн биланс, тројца мртви во една иста вечер и 10 новозаразени случаи. До овој момент болницата и директорот не почуствуваа потреба да излезат и да им одговорат на граѓаните што точно се случило.
Па затоа сакамe да ги прашамe дали е точно дека, три дена специјалистите од инфективното одделение барале преместување на двајцата ризично болни во инфективната клиника во Скопје, а оттаму постојано им одговарале дека немаат капацитет? Ова е поразително за здравствениот систем во државата и е доказ дека сме на работ на колабирање. Дали некој за ова ќе понесе одговорност? Зошто директорот не побарал овие пациенти да се трансферираат навреме и да им се даде соодветно згрижување и нега. Директорот на болницата ниту еднаш не го посетил инфективното одделение за да види каква е сериозноста и условите во кои се сместени нашите граѓани. Здравствените работници веќе се чувствуваат преморени и се на работ на издржливоста со ограничени заштитни средства и притоа изложени на секојдневен ризик за себе и за своите најблиски. Од друга страна државата која наместо да им обезбеди опрема и да ги награди овие херои на денешницата, дава пари за магариња и фризерници додека луѓето ни умираат во болниците.
Состојбата во цела Македонија е аларматна, но на големо ескалира и во Велес.
Господинот Аце Коцевски, вчера глумеше загрижен и покажуваше како надчовечки се бори за да ја стабилизира состојбата со вирусот, а голем број на вработени во општинската администрација и ЈКП Дервен се заразени на работното место, дел се во изолација и секојдневно бројот се зголемува. Тој не кажа дали ги обезбедил сите заштитни мерки во претпријатијата под надлежност на Општина Велес? Обезбедени ли се заштитни маски и средства за дезинфекција во истите бидејќи од тоа што ние го имаме како информација е дека едно лице вработено во ЈКП Дервен неколку дена без заштитна маска и со температура одело на работа ширејќи го вирусот околу себе. Ако е така, тогаш бараме Градоначалникот и директорот на Јавното Комунално Претпријатие да ни објаснат како дозволиле ова да се случи. Кој ќе одговара за последиците врз заразените на работните места и нивни семејства. Зборуваме за вработени кои се дел и од јавните сервиси и комуницираат на дневно ниво со многу граѓани, а голем дел од нив не носат маски на работните места.
Коцевски исто така не кажа колку често се прави дезинфицирање на улиците, јавните површини и училиштата. Кој ги следи почитувањето на мерките во училиштата, ако воопшто некој ги следи?

Почитувани, ние од ВМРО – ДПМНЕ навистина сме загрижени за ситуацијата во градот и во државата, апелираме до градските и државните власти барем еднаш да покажат зрелост и сериозност, да престанат да се занимаваат со дневни политики и да се посветат на здравјето на граѓаните!

Реакција на вчерашната прес-конференција на Градоначалникот Аце Коцевски