До нашата редакција утрово пристигнаа фотографии од игралиштето во населеното место Поток, на кои се гледа дека делот низ кој мине водата е затнат и целата вода и ѓубре е на површина.

Како што велат жителите во околината на игралиштето, ова е многу честа појава бидејќи луѓето кои живеат по течението на потокот, наместо на предвидените места за оставање на отпад, тие го фрлаат во водата.

Исто така, тие минатата есен потпишале петиција во која околу 150 лица побарале да се реши овој проблем, но од надлежните институции до сега нема никаков одговор. Жителите во месноста Поток се жалат дека екипите кои ЈКП Дервен ги испраќа да го чистат игралиштето, го прават тоа, но го чистат само површнински.

Доколку продолжите по течението на водата, отпад ќе најдете се до местото каде што потокот се влива во реката Вардар.

Редакцијата на Велес денес ќе продолжи да објавува овакви и слични натписи во категоријата Велешки срам, се со цел да ја потикнеме јавната свест меѓу велешани.