Велешанка три месеци живее со циста на нервниот систем и не може да оди на контрола на скопските клиники. 44-годишната Марија Стојанова за телевизија Сител вели дека овој период го поминува во страв бидејќи не знае дали болеста прогресирала. Поради корона кризата во земјата беа одложени сите неитни интервенции, а во таа група спаѓа и Марија.

„Откриена ми е во февруари, требаше да одам на неврохирургија, меѓутоа не можам, и незнам до каде е цистата. Имам тегоби, стегање во мозокот и повремени вртоглавици. Страв ми е“, вели Марија Стојанова од Велес.

Освен Марија, изминатиот период поради Ковид-19 беа одложени интервенции и прегледи на голем број лица, а во здравствените установи хоспитализираа само итни случаи.

Министерот Филипче најави дека здравството ќе почне да се враќа во нормала и денеска за тоа требаше да има и состанок со директорите на скопските клиники. Но средба немало и засега е нејасно по кој протокол ќе функционираат амбулантите.

И додека се чекаат насоки, на Комисијата за заразни болести денеска поминал предлогот при хоспитализирање во болница без разлика дали е за операција на камен во жолчка или перде на очи, на пациентите прво да им биде направен тест за корона а потоа да влезат во операциона сала.

Целиот текст прочитајте го на sitel.com.mk