Европската фудбалска унија (УЕФА) денеска по состанокот на Извршниот комитет, а по консултациите со клубовите (ЕКА), лигите (ЕФПЛ) и здружението на фудбалери (ФИФПро) ја истакна заложбата и им препорача на сите национални федерации да се потрудат да ги завршат нормално националните првенства, но паралелно објави правилник според кој првенствата во најцрно можно сценарио може да се прекинат и да не бидат проблематични.

УЕФА е свесна дека развојот на пандемијата со коронавирус во секоја земја е различно, па поради тоа, препорача и даде насоки дека првенството може да се прекине под одредени критериуми, но паралелно објави дека само „спортскиот успех“, т.е. остварувањата во досегашниот дел од сезоната ќе се земат како релевантни за одредување на клубовите кои ќе играат во новата сезона во европските купови.

Ова е само потврда од утринската најава дека во случајот со македонската Прва лига, Вардар нема шанси да извиси за настап во квалификациите за Лигата на шампионите ако се прекине првенството, откако во англиските медиуми се појавија шпекулации за одредување на клубовите според ранг-листата на УЕФА, што би значело во нашиот случај дека Шкендија како третопласирана, поради најдобар коефициент така би добила гратис учество во квалификациите за елитата.

УЕФА објави дека има две сценарија како да се дозаврши сезоната. Првото сценарио е лигите и европските купови летово да се играат паралелно, како што требаше да се играат во тек на целата сезона која е во прекин. Втората опција е да се завршат првенствата до август, а потоа европските купови да се рестартираат во август.

УЕФА во своите прпораки објави дека федерациите и лигите мора да се обидат да се изборат за сите опции, првенствата да завршат спортски и на теренот, но секако првенствено тоа да значи дека здравјето на фудбалерите и сите инволвирани во фудбалот да останат приоритет.

„Идеалното сценарио е во екот на пандемијата, сите лиги да си завршат нормално и спортски клубовите да се изборат за трофеи и за настапи во европските натпреварувања, а лигите да завршат според оригиналниот формат. Ако поради ситуацијата тоа не е можно, најмногу поради проблеми со термини и календарот, суспендираните првенства може да изнајдат поинаков формат за да се заврши спортски сезоната“, вели УЕФА.

Но, постои и трето сценарио, ако условите во секоја земја не дозволуваат федерацијата и лигите да продолжат со фудбал, ако сите опции се невозможни. Во тој случај првенството би можело да се прекине.

Прекин на првенството ако има законска владина мерка со која се забранува секаков вид на спортски настан и тоа ако стои на сила до последниот датум со кој би можела сезоната да се доигра, а после тој датум не би било можно такво нешто. Вториот сегмен е ако финансиските проблеми не дозволуваат можност да се заврши сезоната, зашто се става во ризик долгорочната финансиска стабилност на натпреварувањето или клубовите.

Во вакво црно сценарио, федерациите се тие што ќе ги одредуваат патниците во ЛШ и Лига Европа и само преку „спортските резултати“, но УЕФА има последен збор да ја преиначи таа одлука. Од федерациите се бара изборот на клубови да биде објективен, транспарентен и недискриминирачки кога ќе се одредуваат клубовите, а сето тоа да биде верификувано и потврдено од сите релевантни комисии.

УЕФА го задржува правото да провери дали преинувањето на првенството е во согласност со принципите како тоа се прекинало и дали е во согласност со легитимните здравствени причини, како и може да исклучи клуб ако е избран за европските купови на нетранспарентен, дискриминирачки и необјективен начин, кој се изборил за учество надвор од спортскиот резултат. Плус ако и има јавно негодување за избор на одреден клуб, кој не ги исполнува условите.