Ученик од трето одделение од велешкото училиште „Блаже Конески“ е позитивен на коронавирус. Резултатот стигнал синоќа, по што семејството на ученикот веднаш го известило училиштето. Детето најверојатно се заразило од членови на семејството, бидејќи уште минатата недела дедото на ученикот имал позитивен тест. Поради тоа, родителите го известиле училиштето уште минатата недела, а превентивно, детето оваа недела не доаѓало на училиште.

Сепак, во изолација ќе бидат испратени и останатите 15 ученици заедно со наставникот, кои се една половина од одделението, кое е поделено на два дела и доаѓа на настава во различни смени. Од училиштето ја потврдија оваа информација.

„Точно е дека имаме ученик позитивен на Ковид-19. Ова ни беше соопштено синоќа, по што веднаш ги известивме родителите на останатите ученици денеска да не ги пуштаат своите деца на училиште. Родителите на детето позитивно на ковид-19 постапија совесно и одговорно и уште минатата недела не информираа дека поради заразен член на семејството, оваа недела нема да го пуштат своето дете на училиште. Како училиште ние сме подготвени за вакви ситуации и постапивме според алгоритмите пропишани од државата. Го известивме Центарот за јавно здравје Велес, по што, на едната половина од одделението каде што учи заразеното дете и на едната наставничка ќе им бидат издадени решениај за изолација“, рече Јованче Манасков, директор на ООУ „Блаже Конески“.

Директорот Манасков вели дека мала е веројатноста детето да заразило друг во училиштето.

„Учениците и наставниците, но и целиот стручен и технички персонал од училиштетот строго ги почитуваат мерките за заштита од коронавирус. Се одржува пропишаната физичка дистанца, се одржува хигиена и се носат заштитни маски. Денеска просториите во училиштето се дезинфицирани, па што физичката настава во другите одделенија се одвива нормално“, рече директорот Манасков.

Ова е прв случај на коронавирус меѓу велешките основци кои посетуваат физичка настава во училиштето.

Извор: Либератас.мк