Американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека 2021 година ќе биде феноменална и дека ќе се вратат сите работни места кои се изгубени како резултат на коронавирусот, наведувајќи дека „победничкиот дух на очајните Американци” веќе може да се види по „отворањето” на повеќе од 30 сојузни држави.

Трамп изрази оптимизам, и покрај тоа, како што рече, Американците се очајни бидејќи сакаат да се вратат на работа по неколку недели изолација и ги предупреди гувернерите да се движат побрзо кон отворање на економијата, во спротивно земјата ќе се соочи со поголема социо-економска криза.

Во долгото интервју за телевизијата „Фокс”, Трамп рече дека некои научници и гувернери биле „нереални” и „апсолутно смешни” во нивните повици да ја држат затворена нестабилната економија, кога повеќе од 33 милиони Американци ги загубија своите работни места поради пандемијата на новиот коронавирус.

– Ние ја создадовме најсилната економија во историјата на светот, најдобра што досега сме имале, најдобри показатели за вработеност, најдобри берзи, деловните параметри на секој начин, рече Тарамп и додаде дека САД предизвикувале завист кај целиот свет.

Американскиот претседател повторно ги повика другите гувернери да се движат во насока на отворање на економијата.

– Работните места ќе се вратат, тие ќе се вратат следната година, а следната година ќе имаме феноменална година. Луѓето се подготвени за работа. Мораме да се отвориме, рече тој, додавајќи дека победничкиот дух е веќе видлив затоа што повеќе од 30 држави почнале да се отвораат и многу силно да се враќаат на сцената. – Наскоро ќе ги има уште повеќе, додаде Трамп.

Поради епидемијата на коронавирусот и мерките воведени за спречување на ширењето на заразата, во април 20,5 милиони Американци останаа без работа, поради што стапката на невработеност се искачи од 4,4 на 14,7 проценти.