Еден од најдобрите македонски и светски ракометари на сите времиња, Кирил Лазаров, денес го слави својот роденден. Голгетерот од Свети Николе полни 40 години, а не изгледа дека набрзо ќе стави крај на кариерата и ќе го напушти ракометниот терен.

Авантурата за него започна во матичниот Овче Поле, како младинец дебитираше во Купот на шампионите во Борец, а со битолски Пелистер со кој освои четири национални титули (две во првенството и две во македонскиот Куп), а потоа изгради интернационална кариера на која завидуваат огромен број на светски ракометни имиња.

Тргна од Загреб, Веспрем, Ал Саад, Сиудад Реал, Атлетико Мадрид, па стигна до Барселона, каде го постигна најголемиот успех со освојувањето на трофејот во Лигата на шампионите (ЛШ) во 2015 година. Исто така, македонскиот ракометар на двапати ја освојуваше титулата најдобар стрелец во Лигата на шампионите (Веспрем и Загреб), а беше најдобар голгетер во Келн заедно со Атлетико Мадрид, со кого загуби во финалето.

Моментално тој настапува во француски Нант со кого веднаш се наметна во европскиот ракомет и се избори за завршен турнир во Келн уште во првата сезона. Со ова достигнување испиша нова историска страница и стана првиот ракометар кој настапил на Ф4 турнирот со четири различни екипи.

За неговиот придонес во репрезентацијата на Македонија не треба многу да се зборува. Тој го држи апсолутниот рекорд на постигнати голови на едно Светско првенство (92). На тоа се надоврза со рекорд на Европските првенства (ЕП) со најмногу постигнати гола во историјата на еден шампионат (61). Во 2015 година, Лазаров стана првиот стрелец кој ја надмина границата од 1.000 гола во Лигата на шампионите во победата на Барселона над ПИК Сегед.