Синот на 54-годишниот пациент кој е првиот на кому му беше трансплантирано срце во земјава, денеска изрази сочуство и благодарност до семејството на донорот – Емилија Динева.

„Сакам да изразам големо сочуство до фамилијата и едно големо благодарам што со донирањето спасија три животи, меѓу кој и животот на татко ми“, изјави Васил Огненовски.

Тој вели дека пред два дена добиле повик дека е најдено срце од донор и дека за прв пат ќе биде изведена таква операција во земјава.

„Сега чекаме понатамошни информации. Пополека го будат. Очекувањата се големи дека се најдобро ќе заврши. Еднаш го вратија меѓу живите докторите, и сега го прават тоа уште еднаш. Едно големо благодарам и до нив“, порача Огненовски.

Тој изјави дека еден ден сака да го запознае семејството Диневи и лично да им се заблагодари и да им каже дека срцето на Емилија сѐ уште чука.

„Окако ќе стивне и нивната болка, а штом закрепне и татко ми, сакам да се запознаам со нив. Да изразиме сочуство и да знаат дека срцето на нивната мајка и ќерка, сѐ уште чука. Срцето нѐ поврзува“, изјави Огненовски и апелираше да се развие свеста за донирањето органи.

Покрај трансплантацијата на срце, во тек е и трансплантација на бубрези кај уште двајца пациенти, кои со години биле на дијализа.