Не поминаа ни три часа откако тестовите пред стартот на тренинзите кај италијанските калчолигаши потврдија три позитивни фудбалери на новиот коронавирус во Фиорентина, сега уште четири фудбалери во Сампдорија „паднаа“ на тестовите, со што практично доигрувањето на сезоната станува се повеќе нереална опција.

Вчера во Торино еден фудбалер беше позитивен, денеска прво во Фиренца беа откриени тројца, а вечерва уште четворица во Сампродија, па очигледно државните власти биле во право кога веќе цела недела посочуваат дека нереално е да се очекува брзо враќање на Калчото во погон.

Звучи неверојатно, иако сите лекарски експерти посочуваат дека е невозможно човек двапати да заболи од Ковид-19, но Сампдорија објави дека од четворицата фудбалери кои сега се позитивни, еден од нив е фудбалер кој веќе претходно го имал и наводно прележал вирусот.

„Сампдорија ја известува јавноста дека за време на тестирањето е откриено дека тројца играчи се позитивни на коронавирусот, додека еден повторно е заразен. Сите тие не покажуваат никакви симптоми но се ставени во карантин и нивната здравствена состојба ќе се следи со големо внимание“, стои во соопштението на клубот од Џенова.

Италија после овој хаос со резултатите е во ќорсокак и многу поизвесно е дека сезоната нема да се доигра и покрај желбата таа да се заврши, а клубовите да не загубат вкупно 700 милиони евра. Првичниот план беше од 18 мај да се вратат тимските тренинзи, а сезоната да започне во јуни, но сето тоа е пролонгирано откако лекарските власти утврдија дека спортот со многу контакти е засега преризичен и не може да утврдат датум кога воопшто би можело да се почне да се игра.