Од утре, 28 април 2020 година (вторник), Општина Велес започнува со реализирањето на редовната пролетна дератизација во градот како општа мерка за заштита на населението од заразни болести.

Во зависност од временските услови, активноста за дератизација ќе се спроведува во наредните десет денови, при што ќе биде опфатена површина од 150.000 м2, односно ќе бидат опфатени сите јавни површини во градот, како и двата брегови на реката Вардар (на потегот од Башино село до компанијата „Агриа”).

Општина Велес ја известува јавноста дека материјалот кој се користи за дератизација е селективен, потекнува од сертифициран производител и ја третира популацијата на глодарите.

Истиот е со одобрение од Министерството за здравство на Република Северна Македонија, за употреба во јавната хигиена и не претставува опасност за луѓето, домашните миленици и генерално за останатиот животински свет.

Процесот на дератизација се спроведува два пати во текот на годината, односно во пролетните и есенските месеци. По завршената тендерска постапка, надлежностите за дератизација ги доби ЈЗУ Центар за Јавно Здравје – Велес. Овие мерки се предвидени во Програмата за активностите на Општина Велес во областа на здравствената заштита за 2020 година.