– Екипа на Народниот музеј од Велес под раководство на кустосот Анита Василкова Мидоска, од средината на септември работи на археолошките истражувања на локалитетот Кале кај село Стари Град. Главниот фокус е продолжување на истражувањето почнато во 2018 година.

Главниот фокус е продолжување на истражувањето почнато во 2018 година.

Василкова Мидоска за МИА информира дека со овие истражувања кои ќе траат до средината на октомври се очекува да се согледа мал дел од античката населба и да се надополни историската слика на овој простор кој во антиката бил една од главните комуникациски мрежи што воделе до Пелагониската рамнина.

Сознанијата иницираат дека посочениот простор бил населен подолго време, а засега според археолошките наоди може да се констатираат траги на интензивно живеење во периодот од 2 век п.н.е. па се до средновековниот период, односно до 14 век од нашата ера.

-Со претходните истражувања беа делумно откриени архитектонски остатоци (ѕидови) кои сугерираат постоење на најмалку три објекти изведени во различна техника на градење со употреба на камен и кал со неколку фази на ремоделација на објектите, а движните археолошки наоди воглавно припаѓаат на перидот на 3-5 век н.е. иако има спорадични наоди и од 2-1 век п.н.е,појасни Василкова Мидоска.

Таа информира дека од движните наоди најмногу е застапена керамиката односно садови кои биле во употреба во секојдневието на античкиот човек и во најголема мера се локална продукција која ги отсликува тогашните трендови на производство и креација, а се откриени наоди од метал.

Годинашните истражувања на овој локалитет претставуваат дел од Годишната програма за финансирање на проекти од национален интерес за 2020 година на Министерството за култура,за што ЛУ Народен музеј од Велес доби 200 илјади денари. Истражувањата на локалитетот се почнати уште од 2005 година со повремени паузи и досега се остварени четири истражувачки кампањи (2005, 2006, 2015 и 2018).

Локалитетот Кале кај Стари Град е лоциран на најнискиот северен огранок на планинскиот масив Соколчица кој е само продолжение на планината Руен на десната страна на реката Бабуна во непосредна близина на новоформираната населба Стари Град.

– Поради својата геостратешка положба локалитетот егизистирал низ долг хронолошки период од енеолитот па се до средновековниот период, за што сведочат и досегашните сознанија добиени од археолошките истражувања, вели Василкова Мидоска.

Извор :