Од здружението на превозници МАКАМ Транс најавија протест по воведувањето на новата акциза за горива која предизвика нов ценовен шок на цената на горивата во државата.

Во продолжение Ви го пренесуваме нивниот повик за протест:

Правила за одржување на протест, блокада, штрајк …

Почитувани превозници,

По соопштението на владата за покачување на акцизата за горивата, огромен е револтот кај сите ВАС кои се најдовте на ветрометина, од една страна не можете да искористите некои од пакетите за помош донесени од Влада, а од друга страна некој решил и одлучил дека имате премногу средства и донесе т.н. антикризна мерка која директно ќе удри по вашите џебови и тоа се до крајот на 2020 година.

Со цел да одговориме на се поголемите радикални барања за да се преземат соодветни мерки и да се организира протест, пред се би сакале да нагласиме, дека Макам-транс сте вие сите членките, а ние кои сме вработени во асоцијацијата извршуваме работи кои се во ваш интерес и за ваша помош и поддршка, но силата и целата снага е во ВАС и ВАШАТА СЛОГА.

Законски обврски за одржување на јавен собир:
На 20-ти Март 2020 година Владата донесе Уредба со законска сила за примена на законот за јавните собири за време на вонредна состојба под бр. 44-2394/1 каде во член 2 е наведено: „Се забранува одржување на јавни собири на територија на Р.С. Македонија, за време на траење на вонредна состојба.“

Според член 21 став 1 од Уставот, граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Според ставот 2 на овој член, користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба.

За да го искажете вашиот протест, не смее да се собираме како група на луѓе затоа што е забрането, но никаде не пишува дека не може една огромна колона од влекачи, комбиња, автобуси да се движат по одредена маршута низ патиштата во државата со натпис на шофершајбните ПРОТЕСТ и како една целина да стасате пред зградата на Влада, Парламент и СУД и со јака сирена без да застанувате да се прати порака до сите владини претставници кои за жал сите нас, но и сите други стопански комори, синдикати и граѓани не помножија со нула и ни го свртеа грбот во овие тешки времиња. Сите кои ќе ги управуваат возилата ќе бидат на сигурно и во самоизолација, што значи нема да се предизвика никаква штета по здравјето на населението, а исто така се ова може да се направи кога нема да биде на сила полициски час, што значи нема прекршување на законските одредби.

Ние како организатори на протестот имаме за обврска да го пријавиме настанот во МВР и тоа 48 часа пред да се започне со протестот. Потребно е да изработиме маршута на движење на возилата, со назначени места каде ќе се собираат групите од разни градови од сите региони на државата, но исто така мора да се одредат и лица кои ќе бидат еден вид на редари/одговорни за секоја група, како би биле сигурни дека нема да се случи никаков инцидент, се да биде мирно и достоинствено, да Ве видат и да разберат дека многу не има.

Доколку има инциденти, МВР може да го прекине протестот, а организаторот на протестот да го казни со глоба од 3.000 евра како правен субјект и 30% од одредената глоба да се казни и одговорното лице во правното лице организатор на протестот.

Во Закон за јавни собири во член 3 е наведено: Јавен собир заради мирно изразување на мислење или протест може да се одржува на секое место кое е соодветно за таа намена, освен:

– До здравствени установи,
– До детски градинки и училишта и
– На автопатиштата и магистрални патишта, на начин со кој се загрозува патниот сообраќај.

Секој од Вас кој сака да се придружи на протестот и е 100 % сигурен дека во понеделник или вторник ќе има слободно возило, нека се пријави во Макам-транс.

Доколку се пријави предупредувачки протест и не се одржи заради тоа што и оние кои се пријавиле не дошле, тоа ќе значи дека било која Влада сегашна или идна, нема да има никаков почит и разбирање за проблемите на превозниците. Силата е во вас, вие сте крвотокот на една држава без кој неможе да опстои целото стопанство.

Учеството во протестот е слободно за секој превозник на стока или патници без разлика дали е или не член на асоцијацијата, затоа што проблемот ни е заеднички.

Со почит,

Биљана Муратовска
Генерален секретар

Правила за одржување на протест, блокада, штрајк …Почитувани превозници,По соопштението на владата за покачување…

Gepostet von Makam-Trans am Mittwoch, 22. April 2020