Еднаш, многу одамна, живеел некој старец којшто постојано ширел некакви гласини. Еден ден тој раскажал дека неговиот сосед е крадец. Како резултат на тоа, младиот човек бил уапсен. Неколку дена подоцна се докажало дека е невин, па откако бил ослободен тој го тужел старецот за погрешно обвинување.

Во судот, старецот му рекол на судијата: „Тоа беа само коментари, тие не наштетија никому.“

Судијата, пред да ја донесе пресудата за овој случај, му рекол на старецот: „Напиши ги на хартија сите работи коишто ги кажа за својот сосед. Исечи ги на мали парчиња и на пат кон дома, фрли ги низ прозорецот од автомобилот. Па, утре дојди да ја слушнеш пресудата.“

Наредниот ден, судијата му рекол на старецот: „Пред да ја добиеш пресудата, сакам да отидеш надвор и да ги собереш сите парчиња од хартијата којашто вчера ја фрли надвор од прозорецот на автомобилот.“

На ова старецот рекол: „Не можам да го направам тоа! Ветрот ги разнесе сите и нема да знам каде да ги најдам.“

Судијата продолжил: „На истиот начин, зборовите и коментарите може да ја уништат честа на една личност до толкава мера што тој или таа нема да бидат во можност да го поправат тоа. Ако не можеш да зборуваш добро за некого, подобро не зборувај ништо. Да направиме сите да бидеме господари на нашите усти, за да не бидеме робови на нашите зборови.“

Озборувањата се полоши од крадците затоа што тие крадат нечие задоволство, чест, углед и кредибилитет, кои се невозможни за враќање. Па, запаметете го ова: Кога ви се лизгаат нозете, секогаш можете да ја вратите рамнотежата, но кога ви се лизга јазикот, никогаш не ќе можете да ги вратите зборовите.