Лигата на шампиони беше прекината кога застана и целиот спорт на средината од месец март поради пандемијата од коронавирусот.

Останаа да се доиграат уште четири реванш натпревари од првата нокау фаза. Меѓу нив е и дуелот помеѓу Јувентус и Лион. На првата средба, Французите славеа пред своите гледачи со минимални 1-0, а претседателот на клубот се чини дека го потврди датумот на одигрување на реваншот.

„Натпреварот со Јувентус ќе го играме на 7 август во Торино пред празни трибини“, изјави првиот човек на Лион, Жан-Мишел Ола за „РТЛ“.

Од претходно беше познато дека УЕФА планира да ги закаже натпреварите од Лигата на шампиони и Лигата на Европа во август, а ова е само потврда од таборот на Лион. Покрај овој дуел помеѓу Јувентус и Лион, треба да се одиграат уште три осминафинални натпревари.

Манчестер сити пред своите гледачи ќе брани предност од 2-1 против Реал Мадрид, Наполи на Елиф Елмас има 1-1 против Барселона, а реваншот се игра на „Камп Ноу“, додека последната двојка е Баерн – Челси (3-0).