Шпанскиот Суд денеска осуди деветмина за местење фудбалски натпревари во периодот од 2012 до 2014 година.

Поранешниот директор на Осасуна, Анхел Визкај доби затворска казна од осум години и осум месеци поради овој скандал. Тој е прогласен виновен за фалсификување финансиски документи, спортска измама и злоупотребување на својата позиција.

Поранешниот претседател на клубот од Памплона, Мигел Арчанко е осуден на шест години и осум месеци затвор, потпретседателот Хуан Антонио Паскал ќе мине зад решетки шест години и шест месеци.

Едногодишна затворска казна добија поранешните фудбалери на Бетис, Антонио Амаја и Ксабиер Торес, како и двегодишна суспензија од било какви фудбалски активности. Двајцата исто така ќе мораат да платат и парична казна од 900.000 евра.

Скандалот со Осасуна и стана познат на јавноста пред неколку години откако се дозна дека клубот плаќал одредени суми на пари за да се спаси од испаѓање од Ла Лига во сезоните 2012/2013 и 2013/2014.

Бетис добил 650.000 евра од Осасуна во сезоната 2013/2014, 400.000 евра за да го победи Валјадолид во 37-то коло и 250.000 за да загуби од Осасуна во последното коло. Вискај пред судот призна дека клубот плаќал пари за да се спаси од испаѓање во периодот од 2012 до 2014 година.

Сите што беа осудени, добија и парични казни во вкупна вредност до 2,4 милиони евра, колку што го оштетиле клубот на исплати за местење натпревари.