Во Инфективното одделение, кое е одвоена зграда на велешката Општа Болница, моментално се хоспитализирани 52 пациенти, со што речиси целосно е пополнет проширениот капацитет на ова одделение, каде има 54 кревети, а претходно имаше 35.

Како што информира за МИА, д-р Весна Неделковска Николова за нов сместувачки капацитет за болните од Ковид-19, тие денеска интензивно вршат подготовки за преадаптирање на Б-трактот односно едната од двете страни на Интерното одделение, а кое е во склоп на големата зграда на велешката Општа болница и се наоѓа на четврти кат.

Инаку од ЈЗУ Општа болница првично размислуваа и го подготвуваа за нов сместувачки капацитет за болните од Ковид-19 да биде Физикалното одделение, а кое е на влезот во болницата и кое е исто така издвоена зграда надвор од големата зграда на велешката Општа Болница.

Како што информира портпаролот др Весна Неделковска Николова, од 52 пациенти 44 се потврдени позитивни, а осум се сомнителни и чекаат резултати од тест. На кислородна поддршка се 17 пациенти. Најголем дел од пациентите се од Велес, неколку се од Свети Николе и по еден од Струмица и Демир Капија.

Лоша вест е што продолжува црниот биланс на починати. На Инфективното одделение починаа уште двајца пациенти.

Вчера починала жена од Велес на 87 години која била хоспитализирана 25 дена, а починал и маж на 89 години кој бил примен во болница пред 5 дена. Со ова црниот биланс на починати за 11 дена е зголемен на 17 починати, или 31 починат од почетокот на епидемијата во Велес и велешко.

Инаку во Велес и велешко моментално активни на Ковид-19 се 419 лица.