Убавицата на планинските врвови во Македонија. Така ја викаат сите кои барем еднаш имале контакт со неа, сите кои барем еднаш стасале до врвот. Да, Солунска Глава е вистинската планинска убавица.

Малку е безвезе да се пишува за искачувањето на Солунска Глава (2540мнв), од аспект на помалку искусен планинар ( некаде 12-13 пати искачување на Солунска и не е така мало искуство, ама сепак има 100-ци планинари кои десетици и десетици пати се имаат искачено на врв, и кои многу подобро ја знаат планината од авторот на текстов). Но сепак овие приказни треба да се читаат, треба да се раскажуваат, колку повеќе раскажуваме, толку повеќе ќе научат оние кои сакаат да научат, некои дури и ќе им влијае овој текст, па ќе се обидат да се искачат во прва прилика.

Нашата агенда за искачување на врвот е дводневна. Првиот ден започнуваме од с.Нежилово (690мнв) од каде започнува планинарска патека до планинарски дом Чеплес. Патеката е во најголем дел во шума, некаде на 3/4 од неа се спојува со патеката од Папрадиште. Вкупна должина на релација Нежилово-Чеплес изнесува 5.64km со 708m елевација, односно тргнувате од 690мнв а стасувате на 1420мнв.  Попратно, може да се види и мост на Чеплеска река кој е изграден многу децении наназад кој некогаш ги поврзувал Папрадиште и Нежилово. Од природните убавини уште напочеток ќе почне да ви се врти во главата, дефинитивно.Уште на старт ќе се опиете од природнаат убавина.

Малку за Нежилово. Село во областа Азот, во Општина Чашка. Селото е планинско, на надморска височина од 690 метри. До Нежилово води релативно добар асфалтен пат. Оддалеченоста од Велес изнесува точно 55 км (околу еден час возење), а од Скопје 110 км. Без оглед на преубавата природа, денес во Нежилово „останале“ само околу 20-тина жители, многу помалку од над 300-те кои тука живееле до пред половина век. Сместено е во долината на реката Бабуна, поточно во нејзиниот изворишен дел, За љубителите на планината, има неколку атрактивни патеки. За планински велосипедизам има три обележани патеки „АЗОТ мтб предизвик“ во должина од 54,7км од кои две поминуват низ Нежилово, уште неколку необележани, но исклучително атрактивни, посебно за љубителите на single trail патеки, а за планинарите има неколку опции – широк пат до пл.дом Чеплес (11км) кој исто води и до изворите на реката Бабуна, планинарска патека до пл.дом Чеплес 5,4км, планинарска патека до с.Папрадиште 2,9км и планинарска патека кон с.Горно Јаболчиште, и планинарска патека кон врвовите „Сватови“ на Јакупичка страна. Вреди да се посети и рибникот кој е веднаш до селото..

Една од гореспоменатите патеки е и оваа по која се движиме, а е позната кај планинарите како – сечата. Добро, има луди глави кои се спуштаат и со велосипед. По 2 часовно пешачење пристигнуваме во Планинарскиот дом Чеплес каде ќе одмориме за утредента да продолжиме кон Солунска Глава. Инаку пл. дом Чеплес е секогаш полн со гости поради атрактивната местоположба. Изграден е 50-те години во времето кога се изградени поголемиот дел на планинарските домови во Македонија. Со домот стопанисува ПСК Чеплес. Тоа е накратко неколклу зоборови за Чеплес иако има многу што да се напише. Вечерта мала журка во дворот, оној кој може, сите останати на спиење.

05 наутро. Редовно станување. Припреми од 40-50 минути ( утринско кафе, средување на ранецот, креветот и сл) и план за одење. Надвор врне. да се разбереме, дилема нема – искачување ќе има. Времето на планина е втор фактор, секогаш прв фактор е опремата, или поедноставно кажано „ На планина нема лошо време- има лоша опрема“. Тргнуваме, планот е за нешто помалку од три часа да се искачиме без разлика на времето. Да, доколклу планирате да се искачите на Солунска Глава од планинарскиот дом Чеплес треба да го планирате ова време. Тоа е времето на средна спремност. Послабите би се искачиле до 4 часа, поспремните некаде  за 2,5 и помалку. И да, тука секогаш и во секое време кога ја газиме оваа патека го спомнуваме нашиот планински тркач Александар Кирковски кој оваа патека ја има истрчано за 1:20:00 !!! Човече, 1 час и 20 минути!!!! Зверски, нема збор. Не сме му ниту до колена, секоја чест за него.

Но, да се вратиме на нашето планинарење. Тргнувањето во 06 часот, во текот на одењето дождот се засили и неколку пати ги облекуваме шушкавицте против дожд. Овој пат ја прескокнуваме најубавата точка на планинарењето, Долна Бабина дупка (1680мнв), местото кое веројатно е повеке фотографирано и од многу туристички атрактивни места во Македонија. Голема полјана, постелена со десетици различни видови на цвеќиња, многу зеленило, високи борои дрвја итд,итд…..Едноставно Бабина дупка е рајот на Македонија, не смеете да се декларирате како планинар а да не сте биле на Бабина дупка.

Делот од долна до горна Бабина дупка (1970мнв) е еден од најтешкиот дел на патеката, а потоа патеката оди по камењаст дел од кој долниот дел е Горна Бабина дупка, а горниот дел е Марина дупка (2150мнв) каде е поставен споменик посветен на трагичното загинување на четирите алпинисти од Скопје кои беа затрупани од лавина во месноста Горна Бабина Дупка во 1998 година. Нивниот тажн спомен секогаш треба да го имаме на ум, со планината нема играчка, посебно со Солунска Глава.

Откако ке ги поминете овие две места, се искачувате на сртот (2150мнв) кој веќе е многу полесен за одење. Се оди по релативно рамен терен. Се е по план, очекуваме некаде во 09:00 да бидеме на врвот. Дождот го смени силниот ветер кој ни го отежнува одењето. Во моментите кога ветерот се намалува, паѓа густа магла, одеднаш имаш чувство дека не знаеш каде се наоѓаш.

Малку е незгодно да одиш по магла, поготово на тој терен. Но, враќање нема, ни секунда помисла за колебање. По 2часа и 50 минути пристигнуваме на врвот, магла насекаде. Добредојде ни посакуваат двата чувари на врвот – двата аларми на армиската караула на врвот – два шарпланинци кои и покрај тоа што непрекинато лаат по вас, се исклучително пријателски настроени и ве придружуваат вело време додека сте горе на врвот.

Сликање на 2540мнв, малку одмор, конзумирање на храна кој што понел, по 20-на минути тргнуваме назад. Одеднаш времето се отвори – Сонцето излезе, маглата се дигна, ветерот стивна. Изгледа некој не почести со оваа убава глетка. Пред нас од западна страна се отвора Солунска поле со поглед кон Поречието и во позадина Кораб.

Малку подоле е Перчулица , во позадина Даутица, која од оваа точка не може да се види. Кон Скопската страна се гледа Караџица и малку по десно планинарскиот дом, а во длабината може и да се види и Крстот на Водно, доколку времето го овозможи тоа. Ако застанете со поглед кон пл.дом Караџица, од ваша десна страна најблизок врв е Пржал (2339мнв), а во негова позадина се назира г.Јаболчише, и Лисец (1963мнв). Доколку имате среќа, со само едно свртување од 360 степени ќе ги видите на дланка Кожф, Кајмакчалан, Осоговски планини, Пирин планина во Бугарија, Љуботен, Шара со своите врвови….

Тргнуваме назад, сега со прекрасно сончево време, и многу полесно, најверојатно тоа се случува кај секој планинар кога се спушта од Солунска Глава. Спуштањето кон пл.дом Чеплес е по истата патека сега можеби полесна, но за кого како, на некои спуштањето им е многу поголем терет. По пат, се запознав со неколку растенија како Влашки чај, дивата коприва растенија од кои се прави многу вкусен чај за лечење на разни болести. Човек едноставно се учи додека е жив, посебна е радоста кога се учи нешто повеќе за природните богатства кои кај нас ги има во неограничени количини.

Повторно не поминавме низ долна Бабина дупка, но затоа пристигнавме во пл.дом Чеплес за неполни 2 часа. Одличен тајминг, вкупно за 5 часа е сосема добро време. Еден час пауза и се враќаме кон Нежилово. Но, тука паѓа поинакво решение. Одиме кон с.Папрадиште и тоа по т.н. Сечата која неодамна повторно беше отворена за планинари, благодарение на неуморните пленови на „Грин Пауер“ од Папрадиште. Секоја чест за нив, патеката беспрекорно исчистена, уредена, маркирана. Магнет за секого. Уште еднаш браво за нив, браво за членовите на ПСК Чеплес кои пак имаа акција за чистење на делот од горна страна, а богами браво и за нас кои патем, одејќи од Нежилово кон Чеплес, ги искастривме сите гранчиња кои правеа проблеми на патот….

Временски гледано, и информативно за сите оние кои читајќи ќе се заинтересираат за одат по „сечата“ треба да знаат дека патеката од Чеплес до Папрадиште е 4,4-4,5 км за време од 80-90 минути. Патеката е крајно екстемно убава, скоро целиот тек е во голем лад , во Букова и дабова шума. Некаде пред Папрадиште, од десна страна ќе забележите прекрасен стар камен мост кој најверојатно е граден од Папрадишките зидари и кој освен горниот дел, страничните делови се во беспрекорна состојба. Малку понатаму пак се наоќа и црквата Св.Илија која секако да ја посетите ако се наоѓате во тој дел.

Пред Влезот во Папрадиште влегувате во прекрасни ливади заробени со цветови во разни бои. Треба да бидеш талент за пишување да го опишеш сето тоа, очигледно дека јас тоа го немам па убавината од овој поглед ќе ја зачувам за себе, а кој сака да го долови моментот ќе мора да отиде на лице место. и да, ние не влеговме во Папрадиште поради временски краткиот период, па затоа веднаш се упативме кон патеката која води кон Нежилово се мине за 40 -45 минути и е со должина од 2,6км.

Ајде малку и за Папрадиште. Сместено на 1.000 метри надморска височина, каде што орлите се гнездат под врвот Солунска Глава, на падините на планината Јакупица се наоѓа мијачкиот „остров“ во централна Македонија . Со асфалтен пат е поврзано со селото Богомила од кое е оддалечено 8 километри.

Папрадиште заедно со Ореше се единствените мијачки села во областа Азот и целиот велешки регион. Селото е формирано околу 1770 година од Мијаци од селата Тресонче, Лазарополе, Гари, Галичник во Мијачијата во Западна Македонија кои овде се доселиле бегајќи од нападите на албанските качачки банди.

Народното предание наведува дека порано на пространиот атар на денешното село Папрадиште постоеле три посебни села — Старо Папрадиште или Ѕвезданово, Чеплес и Гарван. Ѕвезданово или Старо Папрадиште се наоѓало на местото на денешното Папрадиште, додека Чеплес и Гарван се наоѓале северозападно и северно во долот на Чеплеска Река, десна притока на Бабуна која што се влива во неа кај Нежилово.  Во селото е црквата Св.Петар и Павле која е градена 1875 година од големиот градител Андреј Дамјанов, а била зографисана од Димитар Андонов – Папрадишки и Ѓорѓи Зографски…

Тоа е отприлика патешествието кое секој планинар треба да го помине, повеќе или помалку искусен, има желба да ја освои Македонската убавица – Солунска Глава. Кој пат ќе го одберете е сосема неважно, целта е врвот, толку едноставно.