„Министерството за животна средина и просторно планирање по спроведениот Конкурс за распределеување на средства за финансирање на проекти од Програмата за управување со водите за 2020 година, на Општина Велес и додели средства за проектот „Изградба на водоводна мрежа во населба Речани”.

Износот на доделените средства е 1.700.000,00 денари со вклучен ДДВ. Општината ќе учествува со сопствени средства во проектот со 800.000,00 денари, со вклучен ДДВ, а свое учество има и ЈКП ‘Дервен’ и ќе набави инсталаторска опрема”.

Ова го изјави градоначалникот Коцевски на денешната прес конференција и додаде дека Општина Велес презема мерки за подобрување на водоснабдувањето на населеното место Речани, кое е предвидено да се реализира со проширување на водоснабдителниот систем на градот во населбата преку изградба на секундарни водоводни линии низ изградениот дел од населбата и изградба на нова доводна магистрална водоводна линија.

Овој Проект опфаќа изградба на магистрална водоводна линија со дијаметар од 225 мм и должина од 795 метри за водоснабдување на населбите Речани, Трпезица, Дурутовец, Чолошево и Урбанистичкиот блок на „Езеро Младост”.

Трасата на оваа водоводна линија се протега од Железен Мост до пристапен пат (надвозник) за населба Весела Долина кај Речани. По изградбата на оваа магистрална водоводна линија, постоечката доводна линија од 110 мм, ќе остане во функција и ќе се користи како секундарна и дополнителна доводна водоводна линија.

По изградбата на оваа магистралната водоводна линија Делница 1, планирани и проектирани се уште седум секундарни линии за водоснабдување во населба Речани, со вкупна должина од 4.446 метри и профил од 110 мм, за кои дополнително треба да бидат обезбедени финансиски средства, додаде Коцевски.