Додека во Велес ситуацијата станува алармантна и се стравува градот да не стане ново жариште на коронавирусот, новата в.д. директорка на Центарот на јавно здравје својата нова позиција ја прослави со шампањ.

Имено, Центарот за јавно здравје во Велес десетина дена беше без раководно лице поради низа неправилности во работата утврдени од Државниот здравствен и санитарен инспекторат, а бројката на новозаразени нагло почна да расте и веќе ближи до 100 позитивни на коронавирус.

Иако конкретно не беше соопштено за какви неправилности станува збор сепак, информациите беа дека станува збор за несоодветни постапки на водење на заразените од коронавирус, не се правеле епидемиолошки анкети, а исто така и вработените не носеле заштитна опрема.

Во една таква ситуација од новиот раководител најмалку што се очекува е веднаш да почне да работи на исправање на сите неправилности. Сепак новата в.д. директорка прво што направи беше да прослави со алкохолен пијалок.

Кога градот е во очај кои ќе бидат следните чекори и дали ќе постане новото Куманово, енигма останува што ли прославуваше в.д директорката со шампањ во денот кога во градот имаше 9 новозаразени, а  вкупната бројка се приближи до 100 позитивни пациенти.

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција за состојбата со коронавирусот во државата рече дека што се однесува на зголемениот број на новозаразени во Велес денес и утре ќе се врши интензивен надзор во некои фабрики и други објекти со цел да се утврди на што се должи тоа. Но, можеби надзорот треба да почне од Центарот за јавно здравје.