Нивото на едно значајно антитело што се произведува во крвта по закрепнувањето од ковид-19 се намалува брзо по два до три месеци, покажуваат резултатите од новото истражување спроведено во Кина.

Ова, според истражувачите од Медицинскиот универзитет Чунгкинг, покажува дека воведувањето на таканаречените „имунитетски пасоши“ со цел да се овозможи слободно движење може да биде ризично, а исто така зборува во прилог на подолготрајна примена на превентивни здравствени мерки како физичко растојание и изолација на високоризични групи.

Студијата, во која беа опфатени 37 пациенти со симптоми на ковид-19, како и многу асимптоматски пациенти, покажа дека кај повеќе од 90 проценти од оние со антитела на ИгГ кои се наоѓаат во нивната крв по закрепнувањето, присуството на тоа антитело значително се намалило после два до три месеци.

Имајќи ги предвид и асимптоматските пациенти и оние со симптоми, присуството на тоа антитело се намалило за повеќе од 70 проценти во просек по тој временски период.

Сепак, еден кинески виролог кој не бил член на истражувачкиот тим тврди дека овие резултати не ја оспоруваат можноста другите делови на имунолошкиот систем да обезбедат заштита од коронавирусот.

Резултатите од оваа студија не значат дека светот ќе пропадне, вели овој научник, кој посочува дека бројот на пациенти вклучени во студијата е мал.