Речиси да нема место во Македонија, кое нема назив поврзан со епскиот јунак Крале или Крали Марко, кој е најопеан во народното творештво и кој загинал на 17 мај 1395 година во битката на Ровина против влашкиот војвода Мирче.

Често месности добивале назив Марков таму каде што има големи камења, со вдлабнати стапки од неговиот коњ Шарец или без нив, познати како Марков камен. Народот величејќи ја неговата јунаштина, во преданија, пренесувал дека тоа е Марков камен, затоа што само јунак како Марко можел да го подигне или да го фрлил од некој рид. Има и други називи, како што е Марков манастир, Маркова нога итн.

Наспроти народните преданија за Крали Марко, кого го присвојуваат како јунак повеќе балкански народи, за него има доста сиромашните историски податоци.

Без наследник

По погубувањето на неговиот татко Волкашин во 1371 година во битката против Турците на реката Марица, продолжил да владее со областите околу Прилеп, Скопје и Призрен. Епската поезија го идеализира како пример за храброст, витештво и чесност и како заштитник на послабите. Тој е еден од најопеаните личности не само во македонските народните песни, туку и кај други народи на Балканот.

Се смета дека е роден околу 1335 година во Прилеп и дека е последниот крал што владеел со поголемиот дел од Македонија пред повеќевековната власт на Османлиите. Кралството на Марко било со средиште во Македонија, со Прилеп како главен град и затоа се смета за македонски крал.

Крал Марко бил еден од четирите синови на кралот Волкашин и неговата сопруга Евросима (Елена). Освен браќата Андреаш, Иваниш и Димитри, Марко имал и сестри, а имал две жени, Елена и Теодора, но не е познато дали имал наследник.

Мал крал или престолонаследник

Во времето на владеењето на неговиот татко Волкашин, Марко ја имал титулата „млад крал“, односно престолонаследник. Кога татко му Волкашин заминал да се бори против Османлиите во Маричката битка во 1371 година, Марко останал да управува со територијата на земјите на неговиот татко и на чичко му. По нивното загинување, Марко станал крал и формално-правно совладетел на царот Урош.

Во периодот од владеењето на кралот Марко тој се соочувал со постојани притисоци од страна на српските големци како и од Османлиите, кои постепено завладувале со Балканот. Набргу, некои територии му биле одземени од кнезот Лазар, Никола Алтомановиќ, Балша и Турците. Тоа било време кога многу од владетелите склучувале мир со Османлиите, станувајќи нивни вазали. Така, и Марко ја признал врховната власт на Мурат I, се обврзал да му плаќа данок и да и служи на турската војска во нејзините воени походи.

Границите на Марковата држава биле: Вардар на исток, Шар Планина на север, Охридското Езеро и градот Костур на југозапад, а престолнина Прилеп.

Има различни претпоставки кога кралот Марко станал турски вазал. Некои сметаат дека тоа се случило во 1371 година, веднаш по Маричката битка, но постојат записи кои кажуваат за турските опсади на Прилеп и Битола во 1385 година, што го дефинира Mарковото кралство како независна територија во однос на турската држава.

Го молам Бога да им помогне на христијаните

И покрај турското вазалство, кралот Марко се издигнал на ниво на легендарен национален херој, под чие владеење народот се чувствувал заштитен и поспокоен во однос на соседните народи.

Музафер Туфан во „Кралот Марко во некои турски извори“ објаснува дека тоа се должи на „фактот дека тој успеал најдолго да ја сочува внатрешната автономија и фактот дека тој тоа го постигнал врз основа на својата тактичност, државничка мудрост и подготвеност на осојузување, дури и по цена на саможртва, со цел подолго да се опстане и да се сочува внатрешната автономија и соработка на Балканот“.

На 17 мај 1395 година во битката кај Ровина, застанувајќи на страната на турскиот султан Бајазит I и борејќи се против влашкиот војвода Јован Мирче, кралот Марко загинал. Има повеќе нагаѓања како точно се случило тоа и каде бил погребан Крали Марко некаде познат како Крале Марко, но ниту една од тие теории не е потврдена од науката.

Преданието вели дека непосредно пред битката, на деспотот на кумановско-кратовската област Константин Дејанов (Константин Драгаш), кој исто така се борел на страната на Османлиите и загинал во битката, Марко му ги кажал следниве зборови: „Го молам Бога да им помогне на христијаните, а јас прв да загинам во таа борба“.

Надреално јунаштво во народното творештво

Крале Марко е најголемиот јунак во народното творештво на Јужните Словени: за него, постојат голем број легенди и преданија, а тој е најопеаниот јунак во народната епска поезија, во која му се припишувани разни особини, но освен јунаштвото и заштитништвото кон послабите и негативни особини.

Во народните песни, Крале Марко е обдарен со необични особини и со неверојатна сила, која ја стекнал уште од раѓањето. Така, уште на третиот ден по раѓањето, во домот на Волкашин дошле три наречници, а една од нив предвидела „Марко јунак да е, кога момче оно да порасте, на татка си коски да му скрши“.

Исто како што на Крале Марко народот му давал надреална сила, опеан е и неговиот коњ Шарец кој „можел да скока од планина на планина“.

Извор :