Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, заедно со министерот за локална самоуправа, Горан Милевски и директорот на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, Игор Андреев, денес ја најавија изградбата на системот за водоснабдување на с. Отовица.

Проектот се реализира со финансиска поддршка од Министерството за локална самоуправа – биро за регионален развој, а го спроведува Центарот за развој на Вардарски плански регион.

„Со изградбата на современа и модерна комунална инфраструктура ќе се исполнат националните и меѓународните стандарди за подобрување на квалитетот на водите и заштита на животната средина во населено место Отовица, односно во Општина Велес”, истакна министерот Милевски.

„Проектот ќе овозможи постојно, квалитетно и континуирано водоснабдување на селото Отовица. Со новото техничко решение се предвидува водоснабдувањето да се врши со приклучување на постојниот цевковод кој е наменет за водоснабдување на локалните места во близина на езерото, капацитетите околу езерото и населеното место Новачани”, рече градоначалникот Коцевски.

„Новиот систем за водоснабдување ќе придонесе и за заштита и одржување како на езерото Младост, така и на пошироката околина, а со тоа ќе бидат стимулирани условите за привлекување на домашни и странски посетители не само во Општина Велес, туку и во останатите општини од Вардарскиот плански регион”, рече директорот на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион.

На трасата ќе бидат изградени и следните придружни објекти: четири шахти за воздушен вентил, пет шахти за испусни вентили, шеесет бетонски анкерни блокови, една шахта за редуктор за притисок, два премини под асфатлтен пат и еден премин под железничка пруга.

Должината на доводниот цевковод изнесува 2580 метри, цевките се полиетиленски (ф90 од 6, 10 и 16 бари).

Вкупната вредност на проектот изнесува 7.014.635,00 денари, со пресметан ДДВ.

Изведувач на градежните работи е „Дан Са” Трејд ДООЕЛ, Скопје, а рокот на изведба е четири месеци од воведување на фирмата во работа.