Филип С., познат по прекарот Кобра денеска во Кривичниот судот признал дека го убил Мартин Јанушев и е осуден на 9 години и четири месеци затвор, објави „Фокус“

Скопското обвинителство во март, по повеќе од две години од убиството, поднесе обвинение против Кобра за убиството на Јанушев коешто се случи на 3 ноември 2017 година во скопската населба Аеродром.

Дваесет и осумгодишниот Филип С. -Кобра, утрината на денот на убиството излегол на викенд од затворот каде издржувал казна затвор од 20 месеци за трговија со дрога. Попладнето стигнал пред зградата каде што живеел Јанушев, откако претходно го повикал „да се пресметаат“.

Иако и Јанушев кај себе го имал пиштолот на татко му, обвинетиот прв извадил пиштол марка „Црвена застава“ и го застрелал со пет проектили. Јанушев почина на лице место, а обвинетиот една година беше во бегство.

Истрагата беше отворена во октомври 2018 година, а обвинетиот беше приведен на 14 октомври 2019 година.