Нов кинески стартап нуди производ во борбата против Ковид-19 што изгледа како да е изваден од научнофантастичен филм – очила кои може да ја мерат температурата на сѐ околу вас.

Компанијата наречена „Рокид“ развива производи со проширена реалност (АР) за играње игри, но сега направи нешто ново за да помогне во борбата против глобалната пандемија. Компанијата со седиште во Хангџоу ги развила очилата за само две недели.

Потпретседателот на „Рокид“, Сјанг Венѓе, вели дека побарувачката за очилата наречени Т1 е голема. Компанијата веќе им продала околу 1.000 на влади, индустриски паркови и училишта.

– Освен фиксирано мерење на температурата, Т1 можат да овозможат и преносна, далечинска и брза проверка на температурата, што би било одлична помош – објаснува Сјанг.

Очилата можат да ја забележат температурата на луѓе оддалечени до три метри и не само што им помагаат на луѓето да дознаат колкава е температурата на оние околу нив, туку можат и да прават фотографии и да снимаат видеа без да ги допирате.

Како Т1 ја забележуваат температурата? Користат инфрацрвен сензор кој ја мери блиската температура со помош на камера и потоа таа информација ја пренесува до дисплејот.

Компанијата објави дека ги усовршува очилата за да можат во исто време да мерат повеќе температури. Тоа ќе ги направи совршени за употреба во места каде што има многу народ, како што се трговски центри и аеродроми, за да помогнат во борбата против Ковид-19.