Уставот е највисокиот правен акт каде што е утврдено дека штом еднаш се распушта Собранието тоа не може повторно да се врати, затоа што самораспуштено Собрание значи поранешно Собрание, изјави професорката Тања Каракамишева во емисијата „Што не јасно“ на телевизија Алфа коментирајќи ја одлуката на СДСМ да собере потписи за враќање на Собранието.

„Во однос на прашањето дали може повторно да се свика распуштено Собрание, веќе четворица еминентни професори по Уставно право се изјаснија, професорката Гордана Сиљановска Давкова која што неодамна рече дека во актуелниот случај станува збор за самораспуштено Собрание што правно, според уставните одредби значи дека тоа не постоои. Ниту правно ниту логично не може да се продолжи нешто што не псотои ниту со закон не може да се утврдува нешто што е уставна категорија, а пратеничкиот мандат е уставна категорија. Во оваа насока е и професорот Шкариќ кој рече дека нема уставна основа за повторно оживување, по одлуката за негово самораспуштање. Самиот збор самораспуштање значи и негово престанување со работа, истакна Каракамишева.

Таа вели дека на оваа линија е професорот Саво Климовски, а на оваа линија е и самата таа како професорка и не затоа што тие така сакаат, туку затоа што Уставот е највисокиот правен акт каде што е утврдено дека штом еднаш се распушта Собранието тоа не може повторно да се врати, затоа што самораспуштено Собрание значи поранешно Собрание.

„Сите пратеници вклучително и Талат Џафери се поранешни. Ако 20 поранешни пратеника потпишат иницијатива за повторно свикување на Собранието, како ќе ја прескокнат одлуката за самораспуштање која што ја донесоа на 16 февруари со 108 гласа со ниту еден против, бидејќи таа одлука е објавена во Службен весник и има правно дејство и ниту еден орган ниту ја поништи ниту ја укина.“ потенцираше Каракамишева.

Таа нагласи дека оваа ситуација не смее да се споредува со 2016 година затоа што тогаш Уставниот суд ја поништи одлуката за распутшање, и таа имаше одложено дејство на примена, а сега се е чисто, пратениците донесоа одлука да се распушти дека само иницијативно рекле дека го предаваат мандатот и легитимтиет го враќаат на граѓаните.