Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во април 2020 година, во однос на претходниот месец изнесува 100.1, а индексот на цените на мало изнесува 99.5.

Пораст на индексите на трошоците на животот во април 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук освен компирот и другите коренести плодови за 9.1 %, свежото и разладеното овошје за 9.0 %, рибата и морските плодови за 1.2 %, сувото овошје и јаткастите производи за 0.9 %, јајцата, прехранбените производи неспоменати на друго место, виното за 0.8 %, пивото за 0.6 %, сирењето и урдата, маслото и маснотиите за 0.5 %, лебот и житата за 0.4 %, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, жестоките пијалаци за 0.3 % и јогуртот за 0.2 %.

Во април 2020 година, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај телефонската и телефакс-опремата за 2.6 %, обувките за 1.8 %, резервните делови и приборот за сопствени превозни средства за 1.1 %, малите електрични апарати за домаќинствата, другите медицински производи за 0.4 % и снабдувањето со вода за 0.3 %.

Намалување на индексите на трошоците на животот во април 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај газираните пијалаци за 0.3 % и помалку масното млеко за 0.2 %.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај течните горива за домаќинствата за 20.3 %, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 17.0 %, гасот за домаќинствата за 7.0 %, информатичката опрема за обработка на податоци за 3.3 %, моторните возила за 1.4 %, игрите, играчките и хобијата за 1.2 %, облеката, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0.5 %, фармацевтските производи, електричните апарати за лична хигиена за 0.4 %.

Индексот на трошоците на животот во април 2020 година, во однос на април 2019 година, бележи намалување од 0.1 %, а индексот на цените на мало бележи намалување од 1.3 %.