Проектот „И од Велес се може”, кој го имплементираат заеднички Фондацијата ПРЕДА Плус од Битола и X – Factor Accelerator од Велес, деновиве за прв пат во земјава го хостираа првиот Он-лајн Демо ден на кој своите бизнис идеи ги презентираа девет тимови, претходно селектирани во конкуренција од 20 претприемачи, кои ја завршија интензивната шестнеделна тренинг и менторска програма.

Д-р Игор Андреев, извршен оперативен директор на Х Фактор Акцелератор од Велес рече дека покрај планираната содржина овој настан го направи посебен фактот што истиот се реализираше со платформа за видео – конференции создадена од македонскиот стартап Vidict.

– Многу сум среќен што успеавме да го реализираме првиот онлајн Демо ден кај нас. Прво, бидејќи активноста беше завршница на велешкото издание на уникатниот проект „И од Битола се може(и)”. Со тоа, покажавме дека навистина се може. И од Велес, и од Битола, и од секаде низ Македонија. Второ, горд сум што се одлучивме за домашна платформа за виртуелни конференции, што се покажа како полн погодок. Им благодарам на дечките од тимот на Vidict и се надевам на идна успешна соработка. Како трето, и со овој проект, како и со сите изминати активности на X Фактор Акцелератор, сѐ повеќе се доближиле до остварување на нивната мисија – да ја зацврстат позицијата на Велес како значаен стартап центар во регионот и пошироко, потенцира Андреев.

.Тој информира дека во рамки на програмата, со експертска поддршка на тренерите обезбедени од страна на X Фактор Акцелератор, учесниците ги доразвиле своите бизнис – модели, во сите најважни аспекти за успешно стартување и водење на бизнисот.

Д-р Маријана Милевска, претседателка на ПРЕДА Плус Фондацијата, вели дека работата на развојни програми изминатите 15 години ја научиле дека економските системи се динамични и чувствителни на промени, но ова што се случи последните месеци во светот со здравствената криза беше надвор од сите нејзини фантазии.

Инаку, на Демо Денот идеите биле презентирани пред затворен круг од инвеститори, претставници на јавен и приватен сектор, академии и релевантни чинители на стартап-заедницата.

Воедно најдобро оценетите стартап-тимови ќе имаат можност да бидат финансирани од страна на X Фактор Акцелератор, во рамки на проектот кој се реализира со ФИТР, во партнерство со Светската банка.