Челниците на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во моментов не знаат кога би можело да продолжи домашното првенство, со напомена дека конечната одлука ќе биде донесена согласно насоките добиени од Министерството за здравство односно од министерот Венко Филипче и Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирусот.

Според насоките од УЕФА, планот за тоа како би се доиграла сезоната во Првата лига треба да биде донесен до 25 мај, што на Куќата на фудбалот им остава сосема доволен рок да донесе некакво решение без да ја префрла топката на други институции.

„Одлуката за почеток на одигрување на натпреварите ќе биде донесена согласно препораките од надлежните државни тела. ФФМ е во постојана комуникација со здравствените институции, но и УЕФА, и конечната одлука околу продолжување на националното првенство ќе биде донесена согласно насоките добиени од Министерството за здравство.

До овој момент, на барање на ФФМ, Министерството за здравство нѐ информираше дека имајќи ја в предвид епидемиолошката состојба во државата, тие не се во можност да дадат временска рамка за тоа кога би можело да се изврши доигрување на првенството од натпреварувачката сезона 2019/2020“, се вели во дел од соопштението на ФФМ.