17 C
Veles
вторник, 3 ноември, 2020 | 21:23

Филипче: „Полека ја добиваме битката со коронавирусот!“

341

Дебар, единствениот град каде беше прогласена кризна состојба поради коронавирусот, сега е град во кој нема ниту еден заболен од Ковид – 19.

Министерството за здравство соопшти дека во шест градови во Македонија повеќе нема заболени, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје. Покрај Дебар, заболени нема и во Радовиш, Гевгелија, Струмица, Пробиштип и Демир Хисар.

Во Дебар беа регистрирани 51 случај на коронавирусот. Од нив четворица починаа, а 47 оздравеа. Во Радовиш и Гевгелија имаше по четири случаи, Струмица и Пробиштип по два, а во Демир Хисар само еден позитивен на Ковид – 19 и сега тие се во групата излечени граѓани.

„Полека ја добиваме битката со вирусот. Но, да не заборавиме дека сите мерки мора да продолжат да се почитуваат. Да бидеме доследни и одговорни до крај“, изјави министерот Филипче.

Во изминатото деноноќие се излекувани уште 45 пациенти. Тие се од Скопје, Куманово и од Прилеп. Досега вкупната бројка на излечени од Ковид – 19 достигна 852. За 24 часа се регистрирани нови 15 новозаболени од 199 тестови. Новите случаи се во Скопје – двајца, во Куманово седуммина, четворица во Прилеп и по еден новозаболен во Тетово и Струга.

Досега во Македонија се дијагностицирани 1.506 случаи на Ковид – 19, а од вирусот починале 82 пациенти. Најногу случаи на коронавирусот има во Скопје и во Куманово. На скопската Инфективна Клиника за првпат од почетокот на пандемијата во еден ден нема прием на нови пациенти.

На Клиниката почина пациент на 61 годишна возраст од Струга кој бил хоспитализиран пред една недела. Тој имал повеќе болести. Од инфективна се испишани осум пациенти и моментално таму има хоспитализирано 39 пациенти, а од нив 20 се потешко болни и се на кислородна поддршка, додека еден пациент е во критична состојба и е на механичка вентилација.

Во болницата „8 Септември“ се примени нови девет пациенти, а таму вкупно се хоспитализирани 29. На респираторна машина се четворица, а уште тројца пациенти се со потешка клиничка слика. Во битолската болница се лекуваат четворица пациенти, а на домашно лекување здравствените власти следат уште тројца.

Во Штип во болница се хоспитализирани двајца, додека дома се лекуваат четири лица. На инфективните одделенија на Прилеп, Велес, Куманово, Охрид, Гостивар и Тетово се хоспитализирани вкупно 47 пациенти кои се позитивни или суспектни на Ковид – 19.