Министерот за здравство Венко Филипче смета дека со оглед на тоа дека се зголемува бројот на новозаболени, Македонија не треба да ги отвори своите граници за соседите и за странци од други земји се уште.

Тој вели дека е свесен оти Србија ги отвора границите, исто и Бугарија, но дека постои ризик луѓето што од кај нас би патувале во странство, а потекнуваат од општини каде има зголемен број новодијагностицирани случаи, претставуваат потенцијален ризик за ширење на заразата.

– Исто така и при враќање. Поголеми се шансите за некој кој патувал и остварил повеќе контакти со различни луѓе, да се зарази и болеста да ја увезе – вели Филипче.

Укажа дека ситуацијата се следи и дека се разговара и во Комисијата за заштита од заразни болести и со соседните земји, а одлуки ќе се носат накнадно.