Французите ги решија дилемите во ракометот, сезоната нема да се доигра, ПСЖ е прогласен за шампион.

Иако имаше уште осум кола до крајот на сезоната, таа нема да се доигра, Французите го прогласија ПСЖ за шампион. 

Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа рече дека вонредната состојба и строгата изолација во земјата ќе продолжи уште еден месец, а тоа само допринесе ракометната федерација полесно да донесе одлука.

Федерација се состана со клубовите на видео конференција и донесена е одлука моменталната состојба на табелата да се земе како конечна. ПСЖ е шампион, тимот на Раул Гонзалез имаше шест бода повеќе од второпласираниот Нант за кој настапува Кире Лазаров. 

Тоа значи дека ПСЖ оди директно во Лигата на шампионите, а Нант, Ним, Монпелје и Тулуз одат во новоформираната Европска лига. Но постои реална шанса Нант со вајлд карта да игра во Лигата на шампионите и следната сезона. 

Нема да има испаѓање од француската лига, а Сесон и Лимож како првопласирани од втората лига ќе се приклучат на елитата. Првата лига идната сезона наместо 14 ќе брои 16 екипи. Лига купот и Купот на Франција се откажуваат.