Постепено почнаа да се исполнуваат и заканите кои Доналд Трамп ги упати кон Светската здравствена организација. Од Белата куќа соопштија дека Трамп им наредил на членовите на администрацијата привремено да го запрат финансисрањето на СЗО заради начинот на кој организацијата раководеше со пандемијата на коронавирусот.

Трамп првично ја критикуваше СЗО дека е премногу ориентирана кон Кина и дека шири дезинформации, а упати и директна критика и кон директорот на организацијата дека ја политизира кризата со коронавирусот.

Заменикот министер за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков ја повика американската влада да се воздржи од понатамошни напади кон Светската здравствена организација. Рјабков вели дека СЗО е целосно во согласност со својата повелба и дека ја почитуваат владите на повеќето земји, како и научници, лекари и епидемиолози.

И генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, го повика американскиот претседател да не го прекинува финансирањето на СЗО. 

„Сега е време за единство, за соработка во меѓународната заедница, време е за солидарна заедничка работа и борба против вирусот и последиците од пандемијата.“ – апелираше Гутереш.

На прес конференција во Белата куќа, Трамп изјави дека СЗО не ја исполнила својата основна должност и дека за тоа мора да одговара.

САД се најголемиот донатор во СЗО. Минатата година тие и доделиле преку 400 милиони долари што претставува околу 15 отсто од нејзиниот Буџет.