Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција наведе дека и покрај повеќето барања за излез за време на полициски час на деца, утре ќе се разгледа само барањато од родителите на децата со аутизам, нагласувајќи дека доколку се дозволи излез за сите деца, мерките ќе немаат ефект.

– Разгледувавме повеќе предлози, повеќе мерки, повеќе сугестии, сепак излегувањето макар и со еден родител ја остава можноста да се соберат помали или поголеми групи околу станбените објекти, можеби и во мали паркови околу зградите, местата за живеење што практично ќе направи да немаат ефект мерките за домашна изолација, истакна Филипче.

Тој рече дека единствено нешто кое утре ќе се разгледува е барањето за тие деца на кои излегувањето им е дел од рутината, а имат претходна здравствена состојба.

– Стигна едно барање на родителите на децата со аутизам за кое што сметаме дека треба да се разгледа и да се излезе во пресрет, сега да видиме на кој начин тоа да се направи. Има една одлука за лица со посебни потреби, меѓутоа има една група на деца со аутизам кои во било кој дел практично треба да им се дозволи излегување заради тоа што тие веќе до сега имаат воспоставено една рутина и ако таа се смени може дополнително да ја комплицира состојбата во смисла на тоа, ако сега завземале некоја рутина, изменување ќе доведе до дополнителна компликација, констатираше министерот.

Тој посочи дека во текот на утрешниот дека ќе се дискутира за тоа на Комисијата за заразни болести.

–  Сметам дека сите други навистина треба да се стрпат, знам дека е тешко, дека не е лесно, меѓутоа ова е нешто што мора секој да го издржи заради тоа што само на тој начин очекуваме ефект од овие мерки, потенцираше Филипче.