Радијацијата поради пожарите во шумите околу некогашната хаварисана укранинска нуклеана централа во Чернобил „не претствува опасност за човековото здравје“, објави во петокот Меѓународната агенција за атомска енергија при Обединетите нации (IAEA) врз основа на податоци добиени од Украина.

Најголемиот од неколкуте пожари бил изгаснат минатата седмица, но значително се проширил во контаминираната зона, 30 километри околу нуклеарната централа која доживеа катастрофа во 1986 година. Помали пожари и натаму горат во таа зона, објавија во петокот вечерта локалните власти.

Еколошките организации предупредуваат дека со горењето на контаминираните стебла и другата вегетација може да се шират контаминираните честички и да му штетат на човековото здравје. Меѓутоа, Меѓународната агенција за атомска енергија со седиште во Виена го тврди спротивното.

„Неодамнешните пожари во контаминираната зона во близина на нуклеарната централа Чернобил во Украина не резултирале со штетно зголемување на радиоактивните честички во воздухот. Измереното зголемување на радијацијата во Украина е многу мало и не претставува ризик за здравјето“, се наведува во писменото соопштение на IAEA, во кое се истакнува дека својата процена ја темели на податоците кои ѝ ги дала Украина, што звучи како одредено оградување.