Бројот на заразените со коронавирусот во Србија осцилира но е во пад, а експертите оценуваат дека вирусот слабее, па се продолжува со постепеното ублажување на мерките, иако целата земја и овој викенд, трет по ред, ќе биде во дводневен карантин со полициски час кој започна во петокот во 18 часот и ќе трае до понеделник во 5 часот.

Според последните податоци на Кризниот штаб на српската влада, од четвртокот попладнето до петокот во 15 часот во Србија се тестирани 3.563 лица, а коронавирусот е потврден кај 207, што е за 45 повеќе отколку вчера, но за 23 помалку отколку пред два дена.

Во последното деноноќие починале уште шест пациенти, што досега прави вкупно 144 жртви.

Во Србија има 7.483 заразени, со 1.094 пациенти кои закрепнале од Covid-19, и 6.245 активни случаи од кои на болничко лекување се 3.164 пациенти, а на распиратори се 95 пациенти. Од почетокот на епидемија во земјата на 6-ти март до петокот 24-ти април тестирани се вкупно 54.887 лица.

Експертите веќе неколку дена се истрајни во тврдењата дека вирусот слабее, како и дека кај новозаразените е забележителна поблага клиничка слика или, пак, се асимптоматски случаи на Covid-19.

Тоа се причините поради којашто српската влада од ден во ден носи одлуки за постапни ублажувања на превентивните рестриктивни мерки, но и покрај тоа овој викенд цела Србија ќе биде во карантин и под општа забрана за движње до понеделникот во пет часот утрото.

Кризниот штаб најави дека убалжувањето на мерките ќе започне од 27-ми април со постапно отворање на меѓуградскиот сообраќај, потоа и пазарите на затворен простор, а ќе бидат отворени и фризерските и козметичките салони, како и фитнес клубовите.

Дополнителните ублажување на мерките ќе биде продолжено на почетокот од мај, но засега се чини оти е извесно дека и следниот викенд заедно со Меѓународниот празник на трудот од 1-ви до 4-ти мај цела Србија повторно да биде во карантин и под полициски час со цел да се запре ширењето на коронавирусот.

Според министерството за правда, забраната за движење, полицискиот час и мерките за изолација и самоизолација во изминатите шест седмици ги прекршиле повеќе од 4.780 лица, а изречените казни чијашто наплата е во тек во државниот буџет ќе слеат 211 милиони динари, односно околу 1,78 милиони евра.