Почина 23-годишен притвореник во Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари. Случајот денеска во 15.05 часот бил пријавен на полицијата чии екипи направија увид на лице место.

Според досега добиените сознанија, притвореникот починал во ќелијата, а стражарите претходно се обидувале да го разбудат мислејќи дека спие. Причините за смртта на ова лице кое во притвор било од 18 декември не се познати. Телото е предадено на обдукција и се очекува таа да ги открие причините за смртта.

Ова е втор смртен случај во затворот за една недела откако на 8 април почина притвореник, кај кој посмртно беше утврден ковид-19. По ова беа извршени тестирања на притворениците и на дел од вработените, по што требаше да се донесе одлука околу превенцијата од корона вирусот во оваа установа.