Во првиот квартал од годинава е намалена продажбата на станови во земјава во однос на последните три месеци од 2019-та година. Податоците на Агенцијата за катастар покажуваат дека од јануари до март годинава биле продадени 719 новоизградени станови, што е за 162 помалку од последниот квартал лани. Заклучно со март во Македонија има 6432 станови кои се нудат на пазарот на недвижности. Од Катастар констатираат дека бројот на новоградби моментално ја задоволува побарувачката на нови станови.

„Регистрирани се вкупно 4.935 продажби во првиот квартал од 2020 година, од кои 4.043 се продажби на стари недвижности, додека 719 се продажби на новоградби, односно прва продажба на недвижноста. Најголем број продадени станови има во општина Аеродром, односно во овој период се продадени 302 станови, додека пак најголем број продадени куќи има на територијата на општина Куманово, односно во овој период се продадени 38 куќи“, велат од Агенција за катастар недвижности.