Животни во природа (нешто како некогашните гоблени „коњи на поило“), познати архитектонски зданија, па дури и некои добиени како рекламен материјал кои дремеле по фиоки чекајќи го овој момент. Сега му е мајката да редите сложувалки.

Во САД втората недела на март продажбата на сложувалки и друштвени игри пораснала за 300%. Но откако бројките на заразени таму нагло порасна, да се дојде до сложувалка стана прилично тешко, бидејќи овој бизнис е категоризиран како „несуштински“, и голем број продавници за друштвени игри се затворени. Секако, не без реакции на јавноста, кои се уште поголеми кога станува збор за недостапноста на градинарски материјали (семиња, земја, саксии).

И иако ова звучи како две неповрзани работи, всушност станува збор за едно исто. И садењето и редењето сложувалки го намалува стресот, односно овозможува дефокусирање од вознемирувачката реалност. Најважно станува да се најде парчето облаче над Ајфеловата кула или малку потемното цветче во мртвата природа на Ван Гог. И токму во најстресниот можен момент, обете нешта на Американците им се одземени. 

Кај нас за среќа се достапни, и тоа во поголеми, помали, едноставни, комплицирани или нервно-пореметувачки верзии. Помеѓу финтите кои обично се препорачуваат за нивно редење, најважни се оние поврзани со категоризацијата: првин да се одделат оние кои ја сочинуваат рамката, а потоа според формата и оние од внатрешноста. За оние кои никогаш не се фатиле за сложувалка старт со некоја над 1000 парчиња може целосно да обесхрабри, затоа е добро да се почне постепено. И да се одбере слика која ни се допаѓа, не само додека ја редиме, туку и откако ќе ја составиме. Таа во рамка или под стакло на маса во дневна може да изгледа баш фино. До следниот предизвик.

И до сега пазлите беа продавани во контекст на „грижата за себе“ или „забава за целото семејство“. Според текст на сајтот Вокс, оваа индустрија на тн. self-care во 2018 вредела 11 милијарди долари, а вклучувала сè, од маски за лице до јајца од жад за вагина (види тука). Практично тоа се производи кои се поевтини од одење на психо-терапија, а за некого можат да ја извршат истата функција. Тука спаѓаат и сложувалките, кои слично како и боенките за возрасни овозможуваат „контемплација“ и „медитација“, тишина во вревата на секојдневието. Кое додуша сега е и онака тивко, но сепак и понатаму стресно.

Aко за време на ептен продолжениот празничен викенд ви текне да редите и ве фати сафра, погледнете го видеово. Човекот реди една со 42.000 парчиња. Ако може тој, можете и вие!